Последниве неколку години комплетно актуелизирана е темата „Free the nipple“ на светско ниво, исто како што е доењето на јавно место директно поврзано со женските гради.
Секогаш поаѓам од себе, така најточно можам да донесам личен став и мислење.
Кога имав милион килограми, и не баш така среќна силуета, бев зависна од градници. А, со целата општествена иницијатива дека поголемото е подобро и со хронично незадоволство до изгледот и величината на моите гради, бев опседната со силикони. Поради тоа пушап градниците ми беа секогаш прва опција. Што поголемо полнење, толку подобро за моите естетски критериуми. Е сега, на тие милион килограми, уште и градник со дупло полнење, можете да замислите како сето тоа изгледаше на куп. Но, јас бев среќна, а за мене тоа беше најважно.
Потоа, започна еден процес на созревање и поинква перцепција за сопственото тело, а со самото тоа, можеби и увидов за почеток колкава сум комплетно, па втор шок ми беа сите оние градници кои зафаќаа половина плакар во волумен, а додаваа на квантитет кај мене. Кога го започнав процесот на слабеење, автоматски градниците се променија во спорстка верзија од разни брендови, сè додека не создадовме линија SF спорт. Со процесот на намалување на величина, од XL дојдов до S, што веќе ми беше широко. Сфатив дека со процесот на вежбање јас комплетно променив изгледот на моето деколте. Градите ми беа во полна форма. Не беа големи, точно, но некако сами по себе си беа доволни за комплетирање на мојата нова силуета. Автоматски, се што беше градник, отпадна од мојот гардеробер. Сè заврши во „Црвен крст“. Сега фокусот ми беше на тоа да купам совршен допадлив градник, што ќе се носи со мојата нова силуета и ќе биде доволно пикантен пред мојот партнер. Па така, ако до тогаш барав фул пушап, сега фокусот ми беше на боја, додатоци, впечатлив крој и некоја магична провидна тантела.
Последниве две години и мене ми се случи корона, па некако сè уште не можам комплетно да се навикнам на идејата вежбање по дома. И така, и моето тело си накалеми 7 кг со кои баш и не сум најсреќна, но, мои се додека не ги уништам. Градите повторно си бараат наменски аксесоар, особено што не се подмладувам, нели? Сепак гравитацијата си го прави своето, а јас не и помагам. Па сега сум во еден транзит, при што, се молам да започнам со вежбање. А попатно, сè уште не можам да прифатам потреба и проблемот го решавам со беби дол верзија. Знам дека ќе излезам од мртвава трка како победник, но до тогаш борбата за тоа кој градник, дали со градник или без ќе продолжи во иста насока како и борбата со килограмите, силуетата, мислењето на општеството…
Ништо не е важно освен чувството што секоја од нас го има за себе. Ништо не е важно освен тоа како се носите со секојдневниот избор. Па така, од внатре кон надвор, од долната облека кон фустанот, тоа што прво ве допира најважно на светот. Да прави да се чувствувате сигурно во себе, комфорно и да ви донесе една доза на сексипил, што ниту една висока модна креација не може да ви го долови.
Една мека тантела градник во пудра боја со црни детали, комбиниран со соодветни килоти во истиот дезен, и да се под скинати тренерки, може да ви ја даде целата заносна енергија на светов. Затоа внимателно со градниците мили мои, од нив започнува целата љубов. Се сложувате, зар не?