Гламур – потреба, желба или причина?

Од сè што имам облечено на себе во животов, веројатно најголема љубов како единствено парче гардероба ми е корсетот. Во комбинација со високи потпетици и стајлинг соодветен на пригодата, никогаш немало простор за грешка со тоа мало парче гардероба. Ако го тргнеме на страна естетскиот дел, функционалниот дел на вајање на женското тело е тоа што секогаш ми било приоритет кај корсетите. Нивната првенствена функција била формирање на силуета песочен часовник, па одело до таму што во дадени временски периоди, историски гледано, жените се затегнувале во струкот до таа мера да остануваат без воздух и паѓаат во несвест на балови

Без екстремата на мазохизам, корстетот денес како парче гардероба и тоа како може да допринесе за појавата на гламур во животот на современата жена. Генерациски, постои јаз помеѓу жената некогаш и жената денес. Поновите генерации бегаат од тоа што ние го живеевме како постулат разбирање за феминизам и одлика на една комплетно реализирана жена.

Се појави потреба за чист конформизам што даде дозвола глобално жената да оди во правец што ја изгуби нејзината сензуалност. Од сите светски lifestyle трендови, заклучно со појавата на инфлуенсери од секаков тип, современата вистинска жена доби потреба да ја нема, да бара причина за да ја истакне природно постоечката женствена енергија. Гламурот стана дефиниција за кич, и со самото тоа, се наметна страв од сензација на индивидуално ниво.

Од денешен аспект, за мене, гламурот може да се преведе во квалитет, безвременски стил, индивидуалност и сè она што ја дефинира една современа реализирана жена на која не и е потребна причина да блесне.

Едно беспрекорно парче корсет, искомбинирано на прав начин, може да направи секоја жена да се почувствува како да е една и еднинствена на светот. Велат, облекувај се онака како што сакаш да живееш. Не постои поголема вистина од таа. Твојата индивидуа комплетно ќе дојде во преден план само тогаш кога нема да бараш причина за да бидеш жена, кога гардеробата ќе ја бираш според тоа како се чувствуваш, без причина и без повод, природно ќе блескаш во гламур.

Секоја жена на светов го има тоа во себе. Секоја жена носи заносна заводлива енергија што заслужува да ја истакне со совршено парче гардероба. За мене корсетот не е повеќе долна облека, туку дел од мојот секојдневен стајлинг. И, кога ми е потребно да бидам беспрекорна пред себе, секогаш го одбирам корсетот како приоритет.

 

Share this post:
Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest
Telegram